S5 Soul Search - шаблон joomla Новости
Вести
  • Register

Преспаинфо-“Крикот на пеликанот” најново литературно поетско остварување на Лидија Дочовска Павловска

Лидија Дочовска Павловска ја поткрепува тезата, никогаш не е доцна да се започне со одредена дејност, пишување, и дека таа ненаметливо и со опсервација смирено создава спој на живо-мртвата природа. Нејзината поетика пред се има хуман карактер, и низ сликите таа вметнува чувства и мисла, доближувајќи ги низ сетилата свои и на своите ближни, на својот род, но и на пошироката јавност. Покрај нејзините две претходни книги „Солзите на Преспана“ и „Така љубеше Косара„, и со новото поетско дело „Крикот на пеликанот“ уште еднаш се докажува и потврдува како вистински и редок вљубеник во родната Преспа, во нејзината историја и култура, во природните богатства, но и овој пат совршено доаѓа до израз и нејзиното веќе востановено длабоко човекољубие.

 

И мошне срочно, испишано во стил на стих, испеано во еден кус период 2015-2017, ќе се рече, испеано во еден здив, во третата книга „Крикот на пеликанот“, после „Солзите на Преспана“ и „Така љубеше Косара“, Дочовска Павловска смело, но и одважно нурнува во поетската магија на стиховите што се прелеваат низ преспанските релјефно-историски пејсажи: Ресен, Преспанското езеро, Стариот град, Преспанската котлина и планинските венци, давајќи му вдахновение на вечен живот и просторна живост на неизбришливите траги, зачинети со префикс на историја-сегашност, убавина, љубов и емоции.

 

Лидија Дочовска Павловска претставува редок пример на челото на македонскиот уметнички пиедестал и се зафаќа токму со обврската за презентација на таквото богатство, што побудува интерес и чувство, на пред се, љубов кон природата, врзана со историско-државните облици и интереси на националниот идентитет и име. Дотолку повеќе, што Дочовска Павловска се впушта и нурнува во историското, националното и духовното богатство на државата Македонија, македонскиот народ и неговата историска обележаност на елемент: држава, народ, јазик, култура. (Петко Шипинкаровски)

Стихозбирката „Крикот на пеликанот“, ракопис со благородна заложба ја заокружува таа импресија, тој нагорен пат во растежот и моќта за експонирање на зборовите и емоциите во слики од авторката Лидија Дочовска Павловска.

Токму пеликанот е таа впечатлива метафора и околу него, како околу стожерен мотив, се испреплетуваат метафори чиј круг на интересирања балансира помеѓу личното (интимното, исповедното) и исконски и дури судбински длабоката поврзаност, верност и љубов кон роднокрајната Преспа. Во симбиозна спрега, асоцијативно, прегрнати се поетски нишки од лична природа со настани и ликови од богатата историја на овој наш знаменит крај, слободно може да се рече дека книгата „Крикот на пеликанот“ од Лидија Дочовска Павловска во себе ја содржи и вечната тема – македонштината. Дамарите на сопственото битие се како далги-далги кои галежно ги премиваат крајбрежните езерски камчиња…магична врска меѓу сегашноста на современиот миг и историската патина на прегрмените векови, одблесок на личното просветлување но и восхит кон вистините кои се престориле во митови – закрилници на ова наше поднебје: Царот Самоил, островот Голем Град, длабочините на „Казан“, еднодневното збогувачко кружење на пеликанското јато кое (во поетска споредба) наликува на еднаш дадениот пат на човековата душа.

Пеликанот во оваа книга е дотолку посимболичен од причина што јатата од пеликани кои во еден период доаѓаат во Преспа за потоа да си заминат, ги отсликуваат и преспанските иселеници, што одлетале во европските и прекуокеанските земји, но секогаш копнеат одново да и се вратат на родната грутка. Затоа „Крикот на пеликанот“ е и крик на нашите иселеници.

Поместени се бројни „поединечни“ песни, разделени во повеќе убаво осмислени мото – циклуси и во нив се раздиплува сложениот авторски свет, мноштво самостојни мотиви и проблесоци. Секоја од овие песни почнува со фина постапност, се разгранува во слоевито поетско доживување и, на крајот, поентира со скапоцена порака, односно сознание. Емоциите се раскрилуваат во стихови со сопствена мелодија и длабинско значење, радоста наместа е несопирлив вруток, надежта е ново изгрејсонце, мигот добива повеќекратна вредност и треба достојно да се одживее, дури и тагата – иако во сиви нијанси – е неизбежно присутна вињетка на се што не’ опкружува. Зборот насушен наместа е горчлив пелин, но веќе следниот збор нуди мевлем на негово заздравување, зашто очајот не смее да го надмине оптимизмот.

Сите понудени песни во овој ракопис се со воедначен квалитет. Стихот е ловец во потрага по недофатното. Употребените стилски фигури, често вешто затскриени во жарот на пеењето, потврдуваат дека станува збор за квалитетно поетско остварување зад кое, како Автор стои, ПОЕТЕСА СО АВТОХТОН ГЛАС. (Велко Неделковски)

Како резиме: искрена, доживеана, достоинствена поезија, цут на мислата и нејзин расцут во афористичко ехо, раскошни описи на неповторливата Преспа, ситна – ситна резба од најфини благородни чувства, вреден дострел и прилив во тековите на современата македонска поезија. Со вакви дела, убедени сме дека се потврдува присуството на уште едно ИМЕ во нашата литература.

Поетеса која има што да соопшти и го кажува тоа на особено впечатлив начин. Изворно, по сопствени патеки, со сопствена алхемија.

„Крикот на пеликанот“ – стихозбирка која ќе опстои и ќе се вгради себеси во Пирамидата на стиховите! (Велко Неделковски)

На крај, колку да ја задоволиме Вашата љубопитност, проследуваат неколку стихови од поемата „Крикот на пеликанот“:

И Ветeрот дуваше,

и светкаа молњи,

и езерото, сопатникот верен,

речиси го преврте мојот брод…

Но во мојот сон….летам…

Долгите бели крилја,

го престигнаа сонот

спасувајќи ме со својот крик,

летам во просторот и тишината,

лебдејќи во кругови од лузни…

рани што ја браздат душата моја

Не изгледа се така страшно,

-Пеликанот ми вели…

,,Ти си и небо и земја,

Ти си и ветар и облак

и снег и дожд

и езеро бистро разбрането..,,

-Пеликанот има право…

Ја земам силата од планината,

мирот и спокојството од езерото,

и светлината од сонцето сјајно…

-Летај, летај пеликану,

Ти вечен пријател на мислата моја

носиме во вечноста,

надмини го демонот

што рие, во

црната дамка на душата.

 

превземено од http://prespainfo.com/krikot-na-pelikanot-najnovo-literaturno-poetsko-ostvaruvanje-na-lidija-docovska-pavlovska/

Временска прогноза

Resen

PrespaNews

Prespanews.com не одговара и не мора да се согласува со ставовите и реакците на своите читатели и колумнисти кои ги објавува  во дел од своите  рубрики. Не е Забрането преземање/копирање на содржините меѓутоа ред е да се побара  претходна согласност од авторот или од редакцијата Контакт 24/7   Оваа е-адреса е заштитена од спамботови. Треба да ви е овозможено JavaScript за да ја видите.